Средба на претседателката Сиљановска Давкова со евроамбасадорот Гир

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, информираат од кабинетот на македонската претседателка.

На средбата претседателката Сиљановска Давкова се заблагодарила за упатените честитки од челниците на Европската Унија по повод нејзиното стапување на функцијата и изразила подготвеност за целосна соработка со делегацијата на Европската Унија во Скопје во однос на пристапниот процес на државата, истакнувајќи ја значајноста на делегацијата како своевиден координатор на активностите на ЕУ во земјава.

-Претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани. Нашата иднина, според претседателката Сиљановска Давкова, несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности, се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Претседателката посочила на нејзината подготвеност да придонесе во градењето единство за прашања од национален и државен интерес и да придонесе кон обезбедувањето на политички и општествен консензус по однос на реформската агенда и усвојувањето на закони за кои е предвидено европско знаменце, со цел, како што нагласила, да се избегне неговата злоупотреба, што било нотирано и од самата ЕУ во изминатиот период.

Сиљановска Давкова истакнала дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ.

Во тој контекст, таа посочила на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхашките критериуми.