Средба Силјановска Давкова-Славески: Одржување на макроекономската стабилност и стимулирање на нови инвестиции
Претседателката на земјата, Гордана Силјановска Давкова, денес ја одржа својата прва работна средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која разговараа за актуелната економска и монетарна состојба во земјата и важноста на стабилна и независна централна банка за долгорочен економски развој, соопшти нејзиниот кабинет.
Претседателката Силјановска Давкова беше информирана за монетарната политика, стабилноста на девизниот курс, инфлациските трендови и состојбите во банкарскиот систем.
Таа ја нагласи важноста од промовирање на меѓуинституционалната соработка и координацијата на економските политики со цел одржување на макроекономската стабилност и стимулирање на инвестициите и растот.
Гувернерот Славески ја нагласи посветеноста на Народната банка за проактивно следење на глобалните и домашните економски случувања и за прилагодување на политиките со цел одржување на стабилноста и довербата во финансискиот систем.
На состанокот беше заклучено дека одржувањето на стабилни и разумни политики и конструктивниот дијалог меѓу институциите се основа за понатамошен економски напредок на земјата.