Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваната aмбасадорка на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер.
Посакувајќи и успешен мандат во извршувањето на функцијата и топло добредојде во земјата и во Собранието, Џафери изрази особена благодарност за активниот ангажман и континуираната германската поддршка за нашите евроатлантски интеграции.
-Особено беше истакната динамичната парламентарна соработка со германскиот Бундестаг во последните неколку години на сите нивоа, вклучително и ИПС стипендиската програма и техничката соработка за независно собраниско обезбедување. Истовремено, беа поздравени активностите во рамките на Берлинскиот процес, како комплементарен на процесот на пристапување во ЕУ и регионалните иницијативи со кои се овозможува поголемо поврзување меѓу земјите и унапредување на нивната меѓусебна соработка пред членството во Унијата, се наведува во соопштението од собраниската прес – служба.
Амбасадорката Дреклсер потенцираше дека топлиот прием во Република Северна Македонија и државните институции за неа претставува налог за продолжување на досегашната соработка и унапредување на односите на сите полиња од взаемен интерес меѓу двете држави. За Сојузна Република Германија, членството на Република Северна Македонија во Европската унија е од исклучително значење, особено поради пристапот до повеќе финансиски средства и воспоставените механизми за функционирање на правната држава.
Амбасадорката, како што се нагласува во соопштението, изрази разбирање за комплексноста на процесот и во однос на обезбедувањето поширока општествена поддршка за продолжување во следната фаза од преговорите и на тој пат, ја понуди целата германска поддршка. Беше упатена благодарност за нашиот проактивен пристап и преземените чекори во однос на усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и поддршката за Украина.
Џафери и Дреклсер разменија мислења за модалитетите и можностите за збогатување на парламентарната соработка, за идните чекори на Собранието во однос на евроинтегративниот процес и за донесувањето на потребните закони, со кои ќе се зголеми бројот на германски инвестиции во земјата.