“СРПСКО ОБЕДИНУВАЊЕ!“ – Милорад Додик реизбран за лидер на партијата – во својот говор најави крај на БиХ: “Србите не ја сакаат, време е за мирна разделба“

Милорад Додик во саботата беше реизбран за претседател на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), партија која ја води континуирано од нејзиното основање во 1996 година. Во говорот по тој повод, тој кажа дека ја смета Босна и Херцеговина за неодржлива и најави дека ќе иницира „мирна разделба“ на нејзините два ентитета.

Милорад Додик беше единствениот кандидат за претседател на неговата партија, а учесниците на изборниот конгрес одржан во Добој речиси едногласно го избраа.

Фалејќи се дека СНСД сега има повеќе од 200.000 членови, Милорад Додик изрази уверување дека ќе остане на власт уште долго.

Тој кажа дека СНСД ја води борбата за традиционално општество засновано на семејни и здрави човечки односи, а современото застапување за човековите права и особено за правата на ЛГБТ луѓето го нарече напад на здравиот разум и на здравото општество во целина.

Во својот говор тој повторно го обвини Запад за антисрпски активности и најави продолжување на конфронтацијата со меѓународната заедница и оспорување на постапките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Тој ја опиша БиХ како „принуден државен сојуз“ кој Србите не го сакаат и го сметаат за „жив труп“.

Она што на крајот ќе треба да се случи е дека СНСД ќе создаде договор за мирно одвојување на Федерацијата на Босна и Херцеговина и Република Српска“, порача Милорад Додик.

Српското обединување е крајната цел на СНСД“, нагласи Милорад Додик.

На Конгресот на СНСД присуствуваше и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој кажа дека неговата Социјалистичка партија (СПС) цврсто ги поддржува Милорад Додик и РС.