ССМ: Срамно е во 21. век да се молиме за плата за месеци кои луѓето ги изработиле, во наредните денови ќе го радикализираме протестот
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) апелира менаџментот на ЈП „Национални шуми“ и Владата да не поигруваат со судбината на 1.800-те вработени во јавното претпријатие и да им обезбедат плата во спротивно најавува радикализирање на протестот и негово префрлање пред Владата.
-Денес 30 подружници од цела Република се собраа пред ЈП „Национални шуми“ да го изразат своето раководство бидејќи втор месец немаат плата. Не се проблем само платите, туку и теренскиот додаток што не е исплатен, а се тераат луѓето да одат на работа. Во меѓувреме во претпријатието има штрајк, луѓето се на своите работни места и не ги извршуваат задачите, бидејќи се гневни на менаџментот, директорот и нивните раководители, како и на сите претставници од власта зашто сите земаат за 80 отсто зголемени плати, а тие втор месец не земаат. Веќе третиот месец тече и доколку денеска има една исплатена плата повторно ќе немаат здравствен осигурување, изјави претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) Иван Пешевски на денешниот протест пред дирекцијата на ЈП „Национални шуми“ и додаде дека целиот проблем е во претставниците на власта и на менаџментот.
Како што кажа, ставот на менаџментот на јавното претпријатие е дека зимскиот период секогаш е тежок и праша доколку е тежок како можеа во тој период да набават нови возила и да потрошат милионски суми, а да не обезбедат плата за вработените.
Посочи дека пред избори во претпријатието биле вработени 355 лица заради кои, како што рече, сите 1.800 вработени не може да земат плата. Ги повика сите претставници на власта и на политичките партии кога одат по градовите во рамките на изборната кампања да ги прашаат луѓето за нивните проблеми, а не да кажуваат што ќе направат или што не направиле тие пред нив. Ако продолжат вака, потенцира, нема да дочекаат да има народ на избори.
-На работникот во Македонија му е згорчено од политика и од сето она што го живее секојдневно и оди на работа за плата и за додатоци на плата. Срамно е во 21. век да се молиме за плата за месеци кои луѓето ги изработиле. Ако се прашуваат некои или кажуваат дека има лопови во Национални шуми, јас од тука им кажувам дека лоповите се во дирекција и во фотелји, лоповите не се ни сеча, ни дотур, ни сите шумари кои и онака земаат мизерни плати, рече Пешевски и посочи дека во претпријатието не треба да има сезонски вработувања од 10 месеци годишно, туку вработените треба да работат 12 месеци, да земаат плата и да им бидат платени придонеси.
Најави дека планираат во следните денови да го радикализираат протестот пред Влада и да го заокружат и 1 Мај како Меѓународен ден на трудот. Во следните денови, како што кажа, ќе бидат се побројни и погласни, а особено вработените во јавниот сектор, бидејќи, посочи, „врие и во Паркови и зеленило, во Комунално, во Водовод, Водостопанство, Македонски пошти, кај културните работници каде има мизерни плати“.