Ставањето на „црната листа“ на САД на кој било судија е сериозен удар за неговата чест и углед, велат од Здружението на судии

Здружението на судии на Република Македонија денеска повикаа на брзо разрешување на случајот со судијата на Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, заради заштита на независноста и интегритетот на судската фела во земјава. Беџети, заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби, се најде на црната листа на САД.

„Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред се со Уставот и законите на нашата земја, но и согласно меѓународните закони и препораките на Европската Унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо разрешување на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата“, велат од Здружението на судии.

Ставањето на црната листа на САД на било кој судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт, односно за судијата Беџети, додаваат од Здружението.

Беџети стана познат по чувањето во фиока на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Тој беше парично казнет шест месеци со 20 отсто од платата.