Став на Министерството за одбрана за Ревизорскиот извештај за 2022 година

Министерката за одбрана уште на 30 септември 2022 година од Државниот завод за ревизија побара да се изврши ревизија во Министерството за одбрана заради зголемување на транспарентноста, отчетноста во користењето на јавните средства и во одговорноста во извршувањето на законските надлежности, токму за да се согледа ситуацијата и да се утврдат евентуалните неусогласености за да се преземат соодветни мерки.

Ревизијата е извршена во 2023 година и се однесува на 2022 година.

Ревизијата нема констатирано финансиски злоупотреби при спроведување на тендерските процедури и договорите за јавни набавки. За констатираните пропусти во тендерската процедура (а се работи за само 2 тендери од целокупното работење) веќе се преземени корективни мерки за усогласување на понатамошното работење.

За одреден дел од забелешките околу сметководствената евиденција причините се во неажурноста на други институции кои се надвор од контрола на Министерството за одбрана (Биро за судско вештачење).

Деталниот приказ на состојбите во ревизорскиот извештај ќе помогне да се надминат сите забележани недоследности. Сите сектори во Министерството се веќе задолжени да направат анализа на наодите во Извештајот и да понудат решенија. Меѓу другото апсолутно сме согласни со забелешката наведена како системска слабост, а тоа е недонесувањето на Закон за вработените во Министерството за одбрана чија цел е постигнување на усогласеност во управувањето со човечките ресурси и работните процеси во одбраната со стандардите на земјите членки на НАТО. Ова исклучително важно законско решение се наоѓа во собраниска процедура и се надеваме на негово што побрзо усвојување од страна на пратениците.

Наодите на Државната ревизија се совпаѓаат со заложбите на Министерката Петровска за што поефикасно воочување на неусогласеностите во работењето и нивна корекција за да се надминат пропустите кои се провлекувале од минатото.