Важно е што поскоро да се организираат локални избори на северот на Косово, на кои Србите ќе учествуваат без никакви предуслови, изјави портпаролот на Европската унија, Петер Стано, јави дописникот на МИА од Белград.
Стано, за приштинскиот весник Коха, го повтори ставот дека изборите за градоначалник во април не понудија долгорочно политичко решение.
-Што се однесува до изборите, иако делумните избори за градоначалници во април 2023 година во четири општини на северот беа спроведени во согласност со законската рамка на Косово, многу јасно кажавме дека поради слабиот одзив на граѓаните, тие не понудија долгорочно политичко решение. Затоа е важно што поскоро да се организираат сеопфатни локални избори, на кои косовските Срби би учествувале без предуслови, рече портпаролот на Европската унија, пренесува РТС.
Тој додаде дека тие избори ќе треба да се одржат во согласност со договорот за деескалација на тензиите.
-Европската унија ја нагласува изјавата на високиот претставник од 3 јуни годинава, со која се бара од Косово и од Србија да преземат мерки за деескалација на ситуацијата и да се воздржат од какви било понатамошни некоординирани дејства. Косово се обврза на овие принципи во Братислава во јули, рече Стано.