Истражувачите од германскиот Универзитет Тубинген откриле траги од засекување на череп околу голема лезија за која се верува дека е предизвикана од канцероген израсток
Старите Египќани се обидувале да го разберат и лекуваат ракот пред повеќе од 4.000 години, веруваат научниците.
Истражувачите пронајдоа траги од засекување на череп околу голема лезија за која се верува дека е предизвикана од канцероген израсток.
Тие, исто така, пронајдоа 30 помали лезии низ черепот, што сугерира дека ракот се проширил.
Черепот му припаѓал на маж кој имал околу 30 до 35 години кога починал, велат истражувачите.
Истражувачите известуваат дека засеците најверојатно биле направени со остар предмет, што укажува на тоа дека древните Египќани можеби се обиделе да го оперираат туморот.
„Кога првпат ги погледнавме парчињата под микроскоп, не можевме да веруваме што е пред нас“, вели Татјана Тондини, истражувач на Универзитетот во Тубинген во Германија.
Но Едгард Камарос, палеопатолог на Универзитетот во Сантијаго де Компостела во Шпанија, рече дека хируршките засеци би можеле да бидат резултат на медицинска обдукција за да дознае повеќе за болеста по смртта.
„Двете можности откриваат хируршка интервенција тесно поврзана со тумори – и тоа е неверојатно“, рече тој.
„Ова откритие е уникатен доказ за тоа како древната египетска медицина се обидела да се справи или да го истражи ракот пред повеќе од 4.000 години.
„Ова е извонредна нова перспектива во нашето разбирање на историјата на медицината“, вели тој.
Според истражувачкиот тим, нивното истражување, објавено во списанието Frontiers in Medicine, сугерира дека, иако ракот често се смета за болест предизвикана од човекот преку фактори на животната средина, како што се загадувањето и исхраната, болеста влијаела и на древните цивилизации.
Камарос, водечкиот автор на студијата, рече: „Вистина е дека ракот се перцепира како модерна болест, главно поврзана со западните навики и канцерогените материи од околината. Сепак, ракот е со нас од самиот почеток, на многу начини. Дури и диносаурусите страдале од рак“.
Старите Египќани биле познати по тоа што биле многу вешти во медицината и имале напредно познавање на анатомијата и хирургијата.
Доказите сугерираат дека тие биле во можност да идентификуваат, опишат и лекуваат рани, болести и фрактури и да нанесат забни пломби.
„Но ракот сè уште бил граница на медицинското знаење“, велат истражувачите.
Тие анализирале и друг череп, стар повеќе од 2.000 години, кој припаѓа на жена која можеби имала повеќе од 50 години.
При тоа била откриена голема лезија во согласност со канцероген тумор кој ја уништил коската, според тимот.
„Знаеме дека станува збор за рак врз основа на карактеристиките на лезиите на тие коски, кои најчесто се поврзани со формирање и уништување на коските“, рече Камарос.
„Кога ги анализиравме коскените структури со микро-КТ скен внатре, откривме многу јасни канцерогени карактеристики“.
Двата черепи потекнуваат од колекцијата Дакворт на Универзитетот во Кембриџ, во која се наоѓа една од најголемите колекции на човечки останки во Велика Британија.
TRT Balkan