Стармер: Со Франција и Украина работиме на план за прекин на огнот, ќе им го претставиме на САД

Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека Велика Британија, Франција и Украина се договориле да работат на планот за прекин на огнот што ќе им биде претставен на САД.

Стармер, кој денеска е домаќин на самитот на европските лидери во Лондон посветен на Украина, рече дека идејата за овој план се создала по жестоката расправа меѓу американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Овалната соба.

Британскиот премиер изјави за Би-Би-Си дека верува оти Трамп сака траен мир во Украина и го повтори ставот дека ќе бидат потребни американски безбедносни гаранции за постигнување траен мир.