Статистиката покажува: Вака Германија ги избегнува западните санкции

И покрај ограничувањата на увозот, Германија очигледно сè уште увезува големи количини нафта од Русија преку Индија, покажуваат податоците на германската федерална статистичка служба.

„Увозот на нафтени деривати од Индија се зголеми во првите седум месеци, во споредба со истиот период лани, за повеќе од 12 пати“, објави Германскиот завод за статистика.

Од друга страна, Индија во истиот период увезла големи количества сурова нафта од Русија, пренесува Хина.

Кога станува збор за увоз од Индија, првенствено се работи за деривати кои се користат во производството на дизел или масло за греење.

Според Федералното биро за статистика, од почетокот на рускиот напад врз Украина, Индија увезува сурова нафта за производство на овие деривати исклучиво од Русија.

Поради нападот на Украина, Германија го прекина директниот увоз на нафта од Русија, а западните земји воведоа ограничувања на цената на нафтата од Русија.

Неделникот „Шпигел“ објави дека и покрај овие ограничувања, Русија се уште добива многу повеќе од 60 долари за барел нафта, што е горната цена што ја одредуваат земјите од Г7 за нафтата од Русија.

Во изминатите неколку недели германските медиуми постојано пишуваа за тоа како Русија ги заобиколува западните економски санкции со увоз и извоз преку соседните земји како Казахстан.