Стејт департмент: САД остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и евроатлантските интеграции на Северна Македонија
– САД се целосно посветени на Преспанскиот договор и повикуваат на негово почитување, изјави портпарол на Стејт департментот по положувањето на заклетвата од страна на избраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Собранието кога таа не го употреби уставното име на земјата, што предизвика реакции од ЕУ, од грчкото МНР и од Американската амбасада во Скопје.
-САД остануваат целосно посветени на Преспанскиот договор и евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Додека новата влада се формира и се избира премиер ние ќе продолжиме да го зацврстуваме значењето на почитувањето на меѓународните договори и бенефициите од целосно членство во ЕУ, изјави денеска за МИА портпарол на Стејт департментот.
Тој истакна и дека САД продолжуваат со поддршка на безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на Северна Македонија и со нетрпение очекуваат да работат со новата влада што наскоро ќе биде формирана како и со претседателот Гордана Сиљановска-Давкова во продолжување на унапредувањето на многу споделени цели.
Тој додаде и дека САД се и остануваат лојален партнер на Северна Македонија во остварување на главните цели на земјата.
-Ние отскекогаш сме биле и ќе бидеме лојален партнер во остварување на вашите главни цели – просперитетна демократија и стабилна економија вкотвена во евроатлантската заедница. Ќе продолжиме со подршката за Северна Македонија во нејзините напори да го зазеде заслужното место како безбеден и просперитетент член на евроатлантската заедница, рече портпаролот.
САД исто така охрабруваат продолжување на дијалогот меѓу Скопје и Софија.
-Го охрабруваме продолжувањето на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, во рамките на заедничките заложби за идното полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, посочи портпаролот на Стејт департментот
-Како што се формира нова влада и се избира премиер, очекуваме билатералната соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија да остане силна и фокусирана на важноста од зајакнување на демократските институции, реформите на владеењето на правото и регионалната енергетска безбедност. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ја поддржуваат безбедноста, просперитетот и целосната евроатланска интеграција на Северна Македонија., укажаа од Стејт департментот.