– Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес изјави дека тековните маневри „Воздушен бранител 2023“ (Air Defender 2023) во Германија ја претставуваат најголемата воздушна вежба во историјата на западната воена алијанса.
„Ова е најголемата воздушна вежба во историјата на НАТО. Оваа вежба испраќа многу јасна порака дека НАТО е подготвен да ја брани секоја педа од сојузничката територија и да ја одбрани секоја педа од сојузничкиот воздушен простор“, порача Столтенберг на заедничката прес-конференција со германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, во Воздухопловната база „Џагел“.
„Воздушната одбрана е важна во секое време за да ги чуваме нашите народи безбедни“, нагласи челникот на НАТО.
Од своја страна, германскиот министер за одбрана ги повтори изјавите на Столтенберг, велејќи дека вежбата „Воздушен бранител“ е неопходна затоа што „за слободата и безбедноста мора да се работи напорно и да се бранат“.
„Бидејќи за разлика од пред само неколку години, заканата по безбедноста е повторно реална“, додаде Писториус, мислејќи на руската војна во Украина.
Столтенберг и Писториус ги погледнаа и воздушните маневри, системите за обука и оружје и зборуваа со војниците. Околу 25 земји со 250 летала и 10.000 војници учествуваат во вежбата под раководство на Германија, што ќе трае до петок.
Во вежбата во воздушниот простор над Германија се користи фиктивно сценарио со цел тренинг како западната одбранбена алијанса реагира на напад и притоа повторно ги освојува областите веќе окупирани од непријателот.