Столтенберг во Скопје: ,,Македонија може да се потпре на НАТО“

– Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од Скопје порача дека Северна Македонија може да се потпре на НАТО.

  • Генералниот секретар на НАТО пристигна во Северна Македонија

На заедничката прес-конференција со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, Столтенберг рече дека Северна Македонија е вреден НАТО-сојузник.

Како што истакна, Северна Македонија придонесува во мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, ја изрази својата посветеност да потроши 2 отсто од БДП за одбрана, ја осуди војната на Русија против Украина, воведе санкции кон Русија, и обезбеди воена и финансиска поддршка за Украина.

„НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија може да се потпре на НАТО. Алијансата ја гарантира вашата безбедност, вие сте покриени од воздушната патрола на НАТО. Борбени авиони од Грција и Италија патролираат на вашето небо за да бидете безбедни. Ова е солидарноста на НАТО во акција“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека безбедноста на Западен Балкан е од фундаментално значење за НАТО, додавајќи дека има причини за загриженост.

Столтенберг го повтори повикот до политичките лидери на Босна и Херцеговина да се воздржат од сепаратистичката реторика и ја истакна потребата Белград и Приштина да се вклучат во дијалогот олеснет од страна на ЕУ.

Одговарајќи на новинарско прашање за руското влијание на Балканот и потенцијалот за дестабилизација, Столтенберг рече дека не гледа непосредна руска воена закана за кој било сојузник во НАТО:

„Сепак, ние остануваме будни. Внимателно следиме што прави Русија и остануваме обединети. Имаме воено присуство во овој регион, со КФОР, со седиштето во Сараево и всушност и со канцеларија во Белград, и подготвени сме брзо да испратиме засилување и да направиме сé што е потребно за да се заштити секој сојузник од каква било закана. Но, повторно, не гледаме никаква воена закана против ниту еден сојузник на НАТО“.

„Со нашата обединетост како сојузници докажавме дека Алијансата е посилна и побројна од кога било досега” –

Премиерот Димитар Ковачевски во својот говор го оцени Столтенберг како голем пријател на Северна Македонија, додавајќи дека ова е негова прва посета во Скопје откако земјата стана полноправна члена на НАТО.

Додаде дека е разговарано за Алијансата, за евро-атлантската интеграција на земјата и на регионот, но и за светската безбедност и мир, како и за најзначајните случувања во регионот, во Украина и во Појасот Газа.

Ковачевски истакна дека да се биде дел од НАТО значи безбедност, додавајќи дека Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилноста во регионот.

„За некој месец ги достигнуваме и зацртаните 2 проценти од БДП кои ги одлучивме на годишнешниот Самит во Вилнус, каде воедно и го договоривме и најробусниот план за одбрана на НАТО. Продолжуваме и со нашиот придонес во мисиите на НАТО во Косово и во Ирак, и во борбените групи на НАТО во Летонија, Романија и Бугарија. Со нашата обединетост како сојузници докажавме дека Алијансата е посилна и побројна од кога било досега и тоа во годината која што донесе најголем предизвик за Алијансата од нејзиното основање“, рече Ковачевски.

Тој ја истакна и потребата од зачленување на земјата во Европската Унија (ЕУ), додавајќи дека не смее да има пречки на тој пат.

„На овој европски пат, секоја поддршка е добредојдена и посакувана. И тука, сакам на Генералниот секретар на НАТО лично да му се заблагодарам за неговата силна заложба за евро-атлантската интеграција на Северна Македонија и на Западниот Балкан во целост. Една стратешка цел со НАТО за нас е исполнета. Верувам дека со ваша и со помош на нашите пријатели од евроатлантската заедница ќе успееме да ја исполниме и втората стратешка цел, членството во ЕУ“, рече Ковачевски.

Во текот на денешниот ден, Столтенберг одржа говор пред пратениците во македонското Собрание, а се сретна и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Во текот на утрешниот ден, Северна Македонија ќе биде домаќин на неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ќе ги пречекаат поканетите лидери на Албанија, Хрватска и Црна Гора.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, е на четиридневната балканска турнеја од 19 до 22 ноември, во рамките на која ги посети Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Северна Македонија.