СТОЛТЕНБЕРГ СЕ ПОВЛЕКУВА: Кој ќе го наследи и ќе го преземе кормилото на НАТО?!

Се вжештува трката за функцијата иден шеф на НАТО.

Ројтерс наведува дека се работи за „слепа“ трка во која нема индикации за иден победник, иако се споменуваат бројни имиња како потенцијални кандидати.

Јенс Столтенберг, Норвежанецот кој е генерален секретар на трансатлантската воена алијанса , би требало да се пензионира на крајот на септември по девет години на таа позиција, а многу членки на алијансата сакаат прашањето за неговиот наследник да се реши токму на самитот на НАТО во Литванија во средината на јули, ако не и порано.

  • Кој и да ги преземе уздите, ќе го стори тоа во критичен момент, соочувајќи се со двојните предизвици за одржување на единството за поддршка на Украина, притоа чувајќи се од каква било ескалација што би го вовлекла НАТО директно во војна со Русија – коментират од оваа агенција.

Валас и Фредериксен

Британскиот министер за одбрана Бен Валас минатата недела откри дека би сакал тој да ја преземе таа позиција, но бидејќи некои влади бараат првата жена да стане генерален секретар на НАТО, данската премиерка Мете Фредериксен се појавува како сериозен кандидат.

Без разлика на извонредната јавна важност на таа позиција, постои тајност околу изборот на личноста која ќе ја зазема – главно се се сведува на консултации меѓу лидерите и дипломатите кои ќе продолжат до постигнување на конечниот договор.

Џејми Шеј, поранешен висок функционер на НАТО, кој служеше во Алијансата 38 години , тврди дека лидерите на земјите од НАТО бараат квалификуван политичар, добар комуникатор и дипломат.

„Важен дел од работата е да го задржите семејството заедно и да ги држите сите на бродот во секое време, како да контактирате со сите сојузници за да бидете сигурни дека се занимавате со нивните проблеми“, истакнува Шеј.

Затоа, многу дипломати го гледаат Валас како силен кандидат, додека некои, особено Франција, сакаат генералниот секретар да биде избран од земја на Европската унија, надевајќи се на поблиска соработка меѓу НАТО и ЕУ.

  • Фредериксен ги исполнува сите горенаведени критериуми. Иако вели дека не е кандидат, престана да повторува дека не ја интересира работата. Дипломатите на НАТО велат дека за неа сериозно се размислува зад сцената – истакнува Ројтерс, додавајќи дека додека таа позиција традиционално оди кај Европеец, на секој сериозен кандидат му треба благословот на Вашингтон, кој е доминантна сила на НАТО.

Според оваа агенција, администрацијата на Бајден се уште нема фаворит, но од другата страна на океанот се води жива дебата за иднината на позицијата лидер на номиналната Алијанса.

Портпаролот на Стејт департментот, сепак, вели дека „премногу е рано да се шпекулира кого ќе поддржат САД“.

Социјалдемократката Фредериксен (45) стана најмладата премиерка на Данска во 2019 година и ќе мора да се откаже од таа позиција доколку се вработи во НАТО.

Ова, како што тврдат политичките коментатори, ќе ја доведе нејзината инаку кревка влада на работ на колапс.

Ако Фредериксен ја добие позицијата, таа би била трета шефица на НАТО од нордиска земја.

Како други опции се појавуваат естонската премиерка Каја Калас, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Германија и вицепремиерката на Канада, Кристиа Фриланд.