Сè уште не е јасно кој е одговорен за минатогодишниот напад на гасоводите „Северен тек“, бидејќи националните истраги не се завршени, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
– Она што го знаеме е дека имало напад на гасоводите „Северен тек“, но не можеме да утврдиме кој стои зад тоа, рече Столтенберг пред денешниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ во Стокхолм.
– Во моментов има истраги на национално ниво и мислам дека е правилно да се чека нивниот заклучок пред да кажеме што се случило и кој е сторителот, додаде шефот на НАТО.
„Њујорк тајмс“ вчера објави дека новите разузнавачки информации кои биле анализирани од американски официјални лица укажуваат на можност дека саботажата била извршена од проукраинска група.