Се чини дека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го отфрли повикот на папата Франциско Украина да го „подигне белото знаме“, велејќи дека рускиот претседател Владимир Путин има опција веднаш да ја заврши војната.
„Украина е поблиску до членство во НАТО од кога било досега“, рече Столтенберг.
Неговите коментари дојдоа откако тој прогласи „историски ден“ за алијансата кога знамето на Шведска беше подигнато пред седиштето на НАТО, со што беше означен крајот на повеќе од 200 години неутралност од нордиската земја, пишува Гардијан .
Како очигледен одговор на коментарите на папата, Столтенберг рече дека „предавањето не е мир“ за Украина, нагласувајќи дека само рускиот претседател има моќ да стави крај на војната.
На прашањето дали Украина наскоро ќе добие покана од НАТО, тој рече: „Украина ќе стане сојузник на НАТО. Прашањето не е дали, туку кога“.
Што се однесува до членството на Шведска, тој ги цени одбранбените способности на нордиската земја, сметајќи ја за „многу посветен сојузник“.
Сепак, Шведска изрази желба да не биде опремена со нуклеарно оружје, одлука која очигледно е „целосно почитувана“ од алијансата.
Според секретарот, последното проширување на алијансата „докажува дека вратата на НАТО е отворена“.