Столтенберг: Членството на Шведска во НАТО е можно до Самитот на 12 јули, но не можам да гарантирам

– Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека членството на Шведска во НАТО е можно до Самитот на воениот сојуз закажан за 11 и 12 јули, но дека тоа не може да го гарантира.

Столтенберг одговараше на прашањата на новинарите пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО што се одржува во Брисел, седиштето на Алијансата.

Запрашан за можноста за членството на Шведска во НАТО до Самитот во Вилнус, Столтенберг рече дека вчера во Анкара е одржан состанок на Постојаниот заеднички механизам на Турција, Шведска и Финска и дека минал во конструктивно опкружување.

Столтенберг потсети дека Шведска ги исполнила своите обврски во рамките на трилатералниот меморандум договорен на минатогодишниот Самит во Мадрид.

„Турција има легитимна безбедносна загриженост. На ниту еден сојузник тероризмот не му наштетил повеќе отколку на Турција“, нагласи Столтенберг и продолжи во врска со членството на Шведска:

„Членството на Шведска во НАТО е можно до Самитот во Вилнус, но не можам да го гарантирам тоа. Работиме да го обезбедиме учеството на Шведска што е можно побргу. Задоволство ми е да ја искористам оваа можност да се состанам со претседателот Реџеп Таип Ердоган и да го свикам Постојаниот механизам оваа недела.“

Запрашан за минатонеделната посета на САД и дали мандатот ќе му биде продолжен, Столтенберг рече дека во текот на средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон разговарал за претстојниот Самит на НАТО.

„За тоа кој ќе ме замени одлучуваат 31 НАТО-сојузник. Јас сум одговорен за сите одлуки на НАТО, освен за една, а тоа е каква ќе биде мојата иднина. За тоа одлучуваат 31 сојузник“, порача Столтенберг.

На прашањето дали сака да се продолжи неговиот мандат, Столтенберг рече:

„Немам намера да барам продолжување на мојот мандат.“

Долго се зборува за тоа кој ќе го замени Столтенберг, чиј мандат истекува во октомври 2023 година. Иако за оваа функција се споменуваат многу имиња, се смета дека во прв план е данската премиерка Мете Фредериксен, како и дека се зголемуваат можностите за повторно продолжување на мандатот на Столтенберг.

Поранешниот премиер на Норвешка, Столтенберг, е именуван за генерален секретар на НАТО во 2014 година, а мандатот му е продолжуван трипати.