Стојанов: Македонија сака да го укине правото на вето во ЕУ за да не мора да ги исполнува своите обврски за уставни измени

Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов изјави дека ЕУ се претвора во Советски Сојуз и дека Северна Македонија не може да избега од своите обврски.

„Проширувањето на Европската Унија е правен и политички процес. Неговото претворање во геополитички инструмент го поткопува самиот Договор за Европската Унија, а отстранувањето на правото на вето би ја претворило во втор Советски Сојуз. Европската Унија мора да се шири според јасни критериуми, а не според погодност“, изјави вчера од говорницата во Европскиот парламент бугарскиот европратеник Станислав Стојанов.

Стојанов во својот говор ја спомена и Северна Македонија. Според него, овој пристап води до, како што вели, апсурдни резултати.

„Северна Македонија, која сè уште не е членка на ЕУ, отворено ја поддржува гласањето со квалификувано мнозинство во Советот. Ова е обид да се заобиколат обврските што ги презеде Македонија во 2022 година кон целата ЕУ. Реформата е неопходна, но треба да биде предмет на сериозна анализа, а не по цена на суверенитетот на земјите-членки. Ќе повторам уште еднаш, без право на вето, Европската Унија се претвора во Советски Сојуз“, нагласи Стојанов, кој доаѓа од редовите на крајнодесничарската партија во Бугарија, „Преродба“.

Бугарскиот европратеник смета дека правото на вето во Советот на ЕУ е видлива пречка за, како што вели тој, владејачката бирократска елита.

„Постојат повици за негово укинување. Ова би го претворило партнерството меѓу земјите-членки во принуда. Нема да се постигне единство, туку доминација над оние што размислуваат слично“, додаде Стојанов.