Надуеноста е честа состојба која се карактеризира со чувство на исполнетост или надуеност во стомакот, а може да биде предизвикана од нетолеранција на храна, лошо варење, па дури и голтање премногу воздух. За среќа, решението можеби веќе е во вашиот кујнски шкаф. Меѓу многуте природни лекови, нутриционистите издвојуваат еден посебен зачин како најефикасен во борбата против надуеноста – ѓумбирот, пишува EatingWell.
Може да ја зголеми подвижноста на желудникот
Една од клучните причини зошто ѓумбирот е толку ефикасен е неговата способност да ја зголеми подвижноста на желудникот, или брзината со која храната се движи низ дигестивниот систем. Нутриционистот Џејми Ли Мекинтајр објаснува: „Ова значи дека може да помогне храната поефикасно да се движи низ дигестивниот тракт, намалувајќи ја веројатноста за ферментација на храната и формирање гасови.“
Помала студија потврди дека екстрактот од ѓумбир ја зголемил дигестивната подвижност кај учесниците, а истражувањето исто така покажа дека суплементацијата со ѓумбир во текот на 12 недели ја намалила надуеноста кај луѓе со мултиплекс склероза, состојба која често го забавува празнењето на цревата.
Содржи антиинфламаторни соединенија
Воспалителните процеси во дигестивниот систем можат да ја нарушат рамнотежата на цревната микробиота, придонесувајќи за надуеност.
„Воспалението во дигестивниот систем може да придонесе за надуеност“, вели Мекинтајр.
Ѓумбирот содржи гинџерол, соединение со силни антиоксидантни и антиинфламаторни својства, кое може да помогне во смирување на воспалението и поддршка на здравјето на цревата.
Може да го ублажи гадењето
За оние чија надуеност често е придружена со гадење, ѓумбирот нуди двојно олеснување.
,,Ѓумбирот традиционално се користи за гадење и стомачни тегоби и има многу смирувачки својства за дигестивниот систем“, вели нутриционистката Мекензи Колдвел.
Систематски преглед и мета-анализа потврдија дека ѓумбирот е безбедна и ефикасна опција за борба против гадење и повраќање.

Може да го стимулира производството на дигестивни ензими
Ѓумбирот го содржи ензимот зингибаин, кој помага во разградувањето на протеините на помали пептиди и аминокиселини. Со подобрување на варењето на протеините, зингибаинот може да го намали производството на гасови и да го спречи непријатното чувство на надуеност.
Пет стратегии за намалување на подуеноста
Освен ѓумбирот, усвојувањето на неколку едноставни навики може значително да го подобри вашето дигестивно здравје.
„За да ја намалите надуеноста, јадете полека и темелно џвакајте ја храната за да го намалите голтањето воздух“, советува нутриционистката Алиса Смолен.
Исто така, внимавајте на храна богата со FODMAP, како што се грав и кромид, кои можат да предизвикаат гасови кај чувствителни лица. Останувањето хидрирано е клучно за добро варење и редовна празнење на цревата, а благата физичка активност како одење или јога по оброците може да помогне во поттикнувањето на варењето на храната. Ако надуеноста продолжи, важно е да се консултирате со лекар за да се утврди причината.
Како да вклучите ѓумбир во вашата исхрана?
Вклучувањето на ѓумбир во вашата дневна исхрана е лесно и вкусно. Можете да го додадете во чај, смутија, супи, чорби или маринади. Свежиот ѓумбир оди добро со овошје како манго и ананас, додека мелениот ѓумбир може да се користи во колачи и лебови. Киселиот ѓумбир е популарен додаток на суши и салати.
Иако ѓумбирот е ефикасен природен лек, важно е да се обрне внимание на сигналите што ги испраќа вашето тело. Постојаната и продолжена надуеност, особено ако е придружена со силна болка, необјаснето губење на тежината или промени во навиките на цревата, бара лекарски преглед бидејќи може да укажува на посериозен здравствен проблем.