Началникот на белградската полиција Веселин Милиќ изјави дека пукачот во основното училиште „Владислав Рубникар“ во Белград во средата во 8.42 часот повикал полиција, се претставил како Кецмановиќ Коста и рекол дека отворил оган врз неколку лица.
Милиќ рече дека помошникот директор на училиштето прв контактирал со полицијата и дека полициските патроли биле веднаш испратени во училиштето.
Тој рече дека се убиени седум девојчиња и едно момче, а оружјето е пронајдено на местото на настанот.
Милиќ рече дека напаѓачот го планирал пукањето еден месец однапред, дека имал список на луѓе што планирал да ги убие и дека ги дефинирал приоритетите.
Шефот на полицијата рече дека напаѓачот ја избрал училницата по историја бидејќи била најблиску до влезот на училиштето, дека пиштолот го зел од станот на татко му и дека во чантата имал четири молотови коктели.
Милиќ рече дека откако влегол во училиштето, пукачот веднаш го извадил пиштолот и пукал во обезбедувањето, во девојка која седела на маса покрај влезот и две други девојчиња, по што продолжил кон училницата по историја каде што отворил оган кон наставничката и другите ученици.
Кога излезе од училницата отиде во училишниот двор и повика полиција, по што го уапсивме, објасни Милиќ.
Шефот на полицијата рече дека напаѓачот признал дека планирал да ги убие децата, дека направил план за влезот и излезот од училиштето, кој бил пронајден на неговата маса. Скицата изгледа како нешто од видео игра или хорор филм, рече Милиќ, додавајќи дека стрелецот имал детален план за училниците во кои планирал да влезе и децата што ќе ги убие.
Во име на Министерството за внатрешни работи и во мое лично име изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите, додаде тој.