Струмичките пожарникари-спасители се вратија од мисијата во Турција, ги пречека градоначалникот Костадинов
– Осумте пожарникари-спасители од ТППЕ Струмица синоќа по полноќ се вратија од спасувачката мисија во подрачјето погодено од катастрофалниот земјотрес во Турција.
Нив синоќа ги пречека градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој им приреди прием во кабинетот и ги награди со по една просечна плата за нивната пожртвуваност, а на сите пожарникари на ТППЕ Струмица им подари бесплатен паркинг на територијата на Општината до крајот на нивниот работен век.
Според Вернер Стоилов, водач на тимот за урбано пребарување и спасување, тие во градот Адијамен рамо до рамо работеле со преку 70 тимови од цел свет.
-По пристигнувањето и поминати 2.200 километри веднаш бевме распоредени во градот, кој е близу сириската граница и брои околу 270 илјади жители. Најголем дел од зградите се урнати, а во останатите нема никакви услови за живеење. Има неколку илјади мртви и повредени, раселени, со еден збор ситуацијата е многу тешка, рече Стоилов.
По пристигнувањето, од страна на турските сили за спасување, им биле дадени координати за пребарување на урната десеткатница, каде имало затрупано преку сто луѓе.
-Работевме деноноќно. Работеа и повеќе спасувачки тимови заедно со турските спасувачки сили. На петтиот ден добивме информација дека се слуша глас од некое затрупано лице. Веднаш стапивме во акција и по пет часа успеавме да извлечеме жива жена, која беше предадена на турските медицински служби, раскажува водачот на тимот на струмичките пожарникари.
Додава дека тоа било вистинско чудо пет денови по земјотресот да биде извлечен жив човек.
-Тоа е многу голем успех за нас како спасувачки тим. Непроценлива чест е тоа и не постои поголема награда за спасувачки тим кога ќе извлече жив човек под урнатините, подвлече Стоилов.
Вели дека се вратиле со помешани чувства, какви што ги имаат и преживеаните од земјотресот во Турција. Раскажува дека по четвртиот ден почнале да се извлекуваат се повеќе загинати, а тагата на најблиските и роднините, кои се веднаш до урнатите објектите, е голема.
-Сепак, од локалното население почувствувавме голема почит. Не прашуваа од каде сме и кога ќе кажевме дека сме од Македонија на цел глас по нас не поздравуваа со извици Македонија, Македонија. Искажаа голема почит кон нас, раскажува Вернер Стоилов.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, порача дека ја споделува гордоста за храброста и пожртвуваноста на струмичките херои и им додели признанија.
-Поклон до земја од мое име прво како човек, а потоа како градоначалник. Тие покажаа невидена хуманост и заминаа на долг и неизвесен пат за да спасат човечки живот. Тие се гордост на Струмица и потврда дека нашиот град има луѓе кои се подготвени и специјализирани да одговарат на такви големи природни катастрофи, изјави струмичкиот градоначалник.
Тимот на струмичките пожарникари беше во состав на Републичките сили за заштита и спасување при Владата на Република Северна Македонија кој беше меѓу првите што замина за Турција.