Студентите во Белград на протестна прошетка до Врховното јавно обвинителство

– Студентите од Правниот факултет во Белград, главниот град на Србија, денес организираа протестна прошетка до Врховното јавно обвинителство, каде што на врховната јавна обвинителка Загорка Доловац ќе ѝ предадат 1.000 идентични писма со порака да почне да ја работи својата работа.

Со овој чин, како што порачаа, студентите сакаат да ја повикаат обвинителката Доловац да ја извршува својата работа во согласност со законот и да почне да ги исполнува студентските барања.

На студентите од Правниот факултет во протестната прошетка им се придружија и студенти од други факултети.

Барањата на студентите се објавување на целата документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата против студенти, активисти и граѓани уапсени и приведени за време на протестите поради смртта на 15 лица во најголемиот војводински град.

Тие бараат и поднесување кривични пријави против сите напаѓачи на студентите, професорите и граѓаните на претходните комеморативни собири и протести.

Десетици илјади луѓе протестираа во неделата во центарот на Белград на покана на студентите. Во протестот на Плоштадот Славија се вклучија и земјоделци, актери и други граѓани.