Студентите во блокада најостро го осудуваат секое насилство: Целта на денешниот протест не е да се нападне ниту една институција

Студентите во блокадата порачаа дека најостро го осудуваат секој облик на насилство и дека целта на денешниот протест не е да се упадне во ниту една институција или да се нападнат неистомислениците. Тие нагласија дека нема да дозволат нивните протести да бидат обележани со инциденти, „туку исклучиво од нашата решителност и заедничка визија за подобро општество“.

„Овој протест е израз на нашата борба за правда, солидарност и иднина што заедно ја градиме. Затоа е важно сите да ги почитуваме основните принципи кои не водеа од самиот почеток. Најостро ја осудуваме секоја форма на насилство! Од првиот ден се бориме против репресијата и неправдата кои очигледно се вршеа преку овој систем. Не сакаме некој со своите постапки да го загрози она што досега сме го постигнале. Три месеци ја градевме оваа борба со солидарност, љубов, гордост и труд. Да не го доведуваме тоа во прашање со непромислени потези“, порачаа студентите во блокадата во објава на Твитер.

Тие истакнаа дека нивната сила е „во идеите, во единството и истрајноста“.

„Не сакаме да дозволиме ниту еден чин да го одвлече вниманието од суштината на нашата борба и да го доведе во прашање сето она за кое се залагаме. Ова движење не смее да се злоупотребува“, нагласија студентите.

Тие додадоа дека мора да останат достоинствени „и да покажат дека сме одговорни, дека ја разбираме тежината на моментот и дека сме свесни за последиците од нашите постапки“.

„Исто така, ние сме апсолутно против секаков вид вандализам. Не сакаме да ги ставаме работниците во тешка ситуација да мора да чистат и поправаат по нас. Нашата борба не е борба за уништување, туку борба за создавање. Нема да дозволиме нашите протести да бидат обележани со инциденти, туку исклучиво со нашата одлучност и заедничка визија за подобро општество. Затоа ве повикуваме сите – да бидеме обединети, да бидеме одговорни“, порачаа студентите.

Тие ги повикаа сите да се водат од разумот, емпатијата и заедништвото.

„Се бориме за промени кои ќе донесат подобро утре, но можеме да ги постигнеме само ако се држиме до нашите принципи и ја покажеме силата на достоинството и солидарноста. Да чекориме заедно, гласно и одлучно, но мирно и одговорно. „Ова е нашата борба, ова е нашата иднина и заедно ја градиме“, порачаа студентите во блокадата.

За денеска во 16 часот е закажан голем протест на студенти, земјоделци, граѓани пред Народното собрание во Белград.