– Пред Владата на Република Северна Македонија денеска на протест излегоа студенти од државава кои се против донесените измени на Кривичниот законик, со кој се предвидуваат помали затворски казни за функционери. Како студенти кои се запишале на правните факултети во Македонија, нагласуваат, не можеме да останеме рамнодушни на постојаната тенденција и постапки кои водат до целосно упропастување на правниот систем.
– Бараме да се врати правото, да се почитува како што треба и да има правда, изјави студентот, Лазар Симонов.
Студентите бараат да се анулираат измените на Кривичниот законик кои беа донесени неодамна. Бараат, како што велат, правдата да ги стигне сите оние кои придонеле за огромната недоверба во правниот систем.
Според нив, на Македонија ѝ е потребна нова генерација правници.
– Чашата ја прелија новите брзи, нетранспарентни измени на Кривичниот законик. Затоа не можеме да бидеме тивки како студенти кои решиле да останат во Македонија и да се борат за правда во оваа држава, порачаа тие во најавата за протестот.
Бараат одговорност и порачуваат да не се злоупотребува европското знаменце.
– Доста е од злоупотреба на европското знаме, затоа бараме и сметаме дека е нужно некој конечно да одговара за ваквите фалсификувања. Доста е од користење и урнисување на правото и законите за лични, политички интереси! Бараме правдата да ги стигне сите оние кои допринеле до огромната недоверба во правниот систем, стои во најавата за протестот.