Студентите на УКИМ се откажаа од големи собири, почитта за загинатите може да се изрази на факултетите

Во повеќе градови секојдневно се одржуваат собири за простување од жртвите, но и за силна поддршка на семејствата на настраданите и желби за закрепнување на повредените. Истовремено, општините започнаа со активирање на системот за солидарност и донираат средства на сметката на солидарниот фонд на Црвениот крст на Македонија за помош и поддршка на семејствата.

Во меѓувреме, студентите информираа дека се откажуваат од големи собири, како што првично беше најавено, а активностите за искажување почит кон загинатите во Кочани ќе се организираат на ниво на факултети.

„Со цел да не се создаваат поголеми метежи во моменти кога медицинската помош и полицијата се најпотребни на други локации, големи собири по кампуси нема да се организираат, како што беше првично планирано. Активностите за искажување почит и сочувство ќе можат да се организираат на ниво на факултети“, соопштија од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.