– Студентите од различни универзитети во Северна Македонија денес протестираа пред Министерството за образование и наука (МОН).
Стотина студенти што се собраа пред МОН изразија незадоволство од ефикасноста на Министерството бидејќи, според нив, не ги почитува роковите за исплата на стипендиите и на други субвенции.
Студентите извикуваа различни пароли, како „сакаме промени“, а со свирежи, транспаренти со различни написи и „црвени картони“ го изразија својот револт.
Со протестот студентите бараат поголема ефикасност на МОН поради ненавремена исплата на студентските стипендии, задоцнети исплати на ваучерите за превоз, доцнења со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите, проблеми со мерката субвенциониран студентски оброк, поради непочитување на утврдените рокови и, како што велат, проблеми во координираноста помеѓу одделенијата во Министерството.
Од друга страна, Министерството за образование и наука информира дека сите ученички и студентски стипендии на постојните корисници за учебната, односно академска 2023-2024 година се исплатени заклучно со јануари. За новите корисници, пак, исплатата ќе се реализира во текот на неделата.