Суданската Армија ги обвини ривалските паравоени сили за отворањето оган врз турскиот авион за евакуација

– Суданската Армија ги обвини паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) за отворениот оган врз турскиот авион северно од главниот град Картум пред да слета за да ги евакуира турските државјани заглавени во земјата поради судирите.

Во соопштението на Армијата се наведува дека турскиот воен авион Ц-130 бил гаѓан од паравоените Сили за брза поддршка додека се подготвувал да слета на аеродромот „Вади Сеидна“, предизвикувајќи оштетување на системот за гориво и повредувајќи еден од членовите на екипажот.

Авионот, сепак, безбедно слетал на аеродромот, по што биле извршени работи за негов преглед и одржување.

Суданската војска ги предупреди борците на РСФ да не се обидуваат да ги попречат напорите за евакуација од други држави со такво „опасно однесување“.

Утрово, турското Министерство за национална одбрана потврди дека негов воен авион Ц-130 бил под оган додека бил на мисија за евакуација на турските државјани заглавени во Судан поради немирите.

Најмалку 460 луѓе загинале, а над 4.000 се повредени во судирите меѓу Армијата и паравоените Сили за брза поддршка од почетокот на судирите, според суданското Министерство за здравство.

Во вторникот на полноќ стапи на сила 72-часовен прекин на огнот што е продолжен за уште три дена со цел да им се овозможи на странците да го напуштат Картум и околината и да им овозможат на мировните напори да ги запрат судирите со тешко оружје што избувнаа на 15 април.