Судењето за „Штекли“ продолжува на 5 септември! Ангелковски: Има карактеристики на шизофренија, се сомнева дека некој го следи
На денешното рочиште за случајот „Штекли“ пред Основниот кривичен суд во Скопјe, сведочеше вештакот за одбрана Ѓорѓија Хаџи Ангелковски, кој даде психијатриска проценка за обвинетиот Раде Трајковски-Штекли, осомничен за учество во организирана трговија со дрога, оценувајќи го како психотичен.
Хаџи Ангелковски го посети Трајковски во затворот „Скопје“ каде што разговорот, како што рече, траел подолго од вообичаеното.
Во своето сведочење, тој нагласи дека состојбата на обвинетиот значително се променила во однос на прелиминарниот преглед што го спровел пред седум до десет години, кога на Трајковски му била дијагностицирана епилепсија.
„Тој не е истата личност што ја видов сега во затвор, обвинетиот покажува психотични состојби со карактеристики на шизофренија“, рече Ангелковски.
Според експертот, Трајковски покажува верување во реинкарнација и тврди дека е воден од „учител“ кој го носи од едно тело во друго. „Тој целосно верува во фиктивна личност, која му наредува што да прави и како да постапува“.
„Не станува збор за тоа дека некој нормален човек имитира лудак“, нагласи Хаџи Ангелковски, додавајќи дека обвинетиот е ладен, емоционално одвоен, раздразлив и параноичен – тој има инсталирано камери во својот дом и е убеден дека го следат.
Одбраната тврди дека Трајковски не е во можност да го следи судскиот процес, додека обвинителството тврди дека тој е психопат и неспособен да учествува на рочиштето.
На прашањето на судот дали „Трајковски е тотално „луд“, вештакот одговори не.
Судењето продолжува на 5 септември со сведочење на вештаци и барање од обвинителството.
Судијата Илија Терпков најави дека ќе се соочи со експерти од двете страни пред да одлучи дали да прифати еден од вештачењата или да наложи нов.
Обвинението, поднесено од Обвинителството за кривично гонење на организиран криминал, опфаќа вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага во која беа применети посебни истражни мерки. Првично беа вклучени 16 лица, од кои седум веќе склучија спогодби за признавање на вина и добија затворски казни од 3 до 3,5 години.
На претходната седница, четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – исто така се изјаснија за виновни, по што судот донесе одлука за одвојување на кривичната постапка.
Според обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од купување до продажба на кокаин и марихуана.