Судење за убиството на Вања и Панче, Палевски презентира докази за бројот на учесници во грабнувањето на Жежовски
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжи денеска во Основен Кривичен суд Скопје во фаза на доказна постапка. Во текот на рочиштето, Палевски презентираше службени белешки од видео-докази од камерите на хотел „Романтик“, кои, според неговото образложение, потврдуваат учество на три лица, а не четири во грабнувањето на Панче Жежовски.
Тој образложи дека согласно доказот, виш инспекторот и началник во СВР Велес, Стојан Кујанџиоски, кој ги анализирал видео-записите, пред судот ја потврдил точноста на службената белешка бр. 2532 од 7.12.2023.
Палевски истакна дека видео-снимките потврдуваат учество на три лица, а не четири, како што тврди Обвинителството.
– При преглед на видео-записот е утврдено дека на камерата број 1 и камерата број 3 поставени на објект хотел „Романтик“ – Велес го покриваат регионалниот пат (Стар пат Велес-Скопје), при прегледот на видео-записите на ден 22.11.2023 година, во 10:35 (реално време 10:15) се забележува патнички автомобил „Рено Кангу“ како се движи во правец Велес-Скопје по регионалниот пат и во внатрешноста на возилото се забележуваат две лица. И на ден 22.11.2023 година, во 10:35 (10:15) се забележува патнички автомобил „Цитроен БХ“ со регистерски број ВЕ2931АД како се движи во правец Велес-Скопје и во внатрешноста на возилото се забележува едно лице – образложи тој.
Според Палевски, ова е докажан и утврден факт со видео, со сведочење, кој ОЈО Скопје не го доставиле во листата на докази во обвиненијата, а доставени се други девет службени белешки за сите останати видеа кои биле презентирани.
– Со што се потврдува дека во грабнувањето на Панче учествувале три лица, а не четири, како што тврди ОЈО во обвинителниот акт – рече тој.
Во продолжението се изврши увид во чаурата пронајдена на местото на убиството на Жежовски.
Во однос на барањето за изведување на ЦД, Судот информираше дека застапникот на обвинението изјавил дека немаат запис од камера од Сејф Сити од возилото на место Нова железничка.
По исцрпување на листата на докази, главната расправа продолжи со дополнение на доказната постапка.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.