СУДИЈАТА ОД ЊУЈОРК ГО ОДБИ БАРАЊЕТО НА ТРАМП: Нови главоболки за поранешниот американски претседател
Адвокатите на Трамп одговорија минатата недела.
Судија од Менхетен во Њујорк го одби барањето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да се одложи судењето закажано за 25 април поради тврдењето дека Трамп ја наклеветил поранешната колумнистка на магазинот „Ел“, Е. Џејн Керол, кога тој негираше дека ја силувал.
Каплан рече дека случајот Керол е целосно независен од кривичната пријава против Трамп за подмитување на ѕвездата од филмови за возрасни Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година за да ја спречи да ја открие нивната наводна сексуална врска, објави Ројтерс.
Адвокатите на Трамп минатата недела побараа од окружниот судија Луис Каплан во федералниот суд на Менхетен да одложи судењето најмалку до 23 мај поради, како што рекоа, неодамнешното негативно медиумско покривање на кривичната пријава поднесена против Трамп.
Каплан рече дека нема причина да се претпоставува дека поротата ќе биде целосно незасегната од медиумското покривање во мај. Судијата рече дека големиот медиумски публицитет го предизвикал самиот Трамп со свои изјави, а потоа оценил дека овој публицитет е штетен за него.
Керол го тужеше Трамп, тврдејќи дека тој ја силувал кон крајот на 1995 или почетокот на 1996 година во луксузна стоковна куќа на Менхетен. Керол го опиша инцидентот во своите мемоари, а списанието Њујорк го објави тој дел во јуни 2019 година, по што Трамп изјави дека не ја познава Керол, дека таа не е негов тип и дека таа ја измислила епизодата за силување за да ја продаде нејзината книга. Трамп во голема мера го повтори своето негирање во октомври 2022 година.