‘СУЛТАНОТ’ ПОКАЖА ЗОШТО ТУРЦИЈА Е ВТОРА НАЈМОЌНА АРМИЈА ВО НАТО – Реџеп Таип Ердоган на прославата на стогодишнината од основањето на Републиката: “Нема империјална сила што ќе не спречи!“
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и вети на Турција „успех и победа“ што „ниту една империјална сила“ нема да може да ги спречи, по повод 100-годишнината од основањето на Република Турција во недела.
„Ниту една империјална сила нема да може да ја спречи среќата, успехот и победата на Република Турција“, порача претседателот во говорот од Босфорската палата во Истанбул во 19:23 часот по локално време, што одговара на 1923 година, кога Републиката е создадена.
Иако некои политички противници го критикуваат дека сака да го избрише наследството на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган нагласи дека ја цени секоја фаза од славното минато на Турција.
По неговиот говор, Босфорот беше осветлен со огномет и светлосно шоу со помош на дронови.
Во текот на претпладнето во Истанбул се одржа преглед на воздухопловните и поморските сили, што беше можност Армијата, втора по големина во НАТО и осма во светот, да ги покаже своите „мускули“.
По повеќекратните прелети на американските F-16, кои го означија бројот 100 на небото, носачот на авиони Anadolu, специјално дизајниран да прима беспилотни летала, го отвори патот за „најголемиот поморски воен преглед“ во историјата, пловејќи низ теснецот кон Црното Море додека зад него имаше флота од сто бродови.
„Нашата Република е безбедна и во добри раце, како никогаш досега. Нека живее во мир“, нагласи Реџеп Таип Ердоган во неделата наутро пред мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк во Анкара.
Во својот говор Реџеп Таип Ердоган ја истакна својата „цврста позиција“ во заштитата на Палестинците во согласност со желбите на Мустафа Кемал Ататурк.
„Денес, Република Турција е заштитник на оние кои немаат никој друг во светот, како што сакаше Мустафа Кемал Ататурк“, порача тој.
„Израел, пред светот те прогласуваме за воен злосторник“, нагласи тој во саботата, на 22-от ден од бомбардирањето на Појасот Газа, што е одговор на масакрот на 1.400 Израелци, главно цивили, од страна на Хамас на 7. октомври.