Сè е потешко и потешко откако дојде Трамп на власт! Полскиот премиер се жали: „Мораме да го убедиме во нашите ставови“
Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Европа не треба да се залажува дека е центар на светот, ниту дека Украина е важна за новата американска администрација, туку дека Европа не треба ниту хистерично да мисли дека тоа е „крајот на светот“, ниту пак Полска да живее во илузии дека се нашла во улога на домашно милениче.
– Треба да ги искористиме сите можности за да спречиме влошување на односите меѓу Европа и САД. Реалноста е потешка од порано, промената е видлива со голо око. Геополитичката промена во Вашингтон во однос на односот на администрацијата кон војната, кон Русија, ни поставува нови предизвици. Тоа е потешка и поинаква реалност, но нема од што да се навредиме, треба да се справиме со тоа – изјави Туск во интервју за полската приватна телевизија ТВН24.
И покрај критиките дека средбата на полскиот претседател Анджеј Дуда со американскиот претседател Доналд Трамп минатиот викенд била „дипломатско фијаско“ и понижување бидејќи Трамп го држел Дуда да чека повеќе од еден час, а потоа му доделил само седум минути, Туск рече дека напорите на Дуда заслужуваат почит.
– Секој, без исклучок, е должен да се обиде да го убеди претседателот Трамп во нашите ставови. Трамп е многу потежок партнер од кој било американски претседател. Да не бидеме хистерични, ова не е крај на светот. Но, исто така, да не живееме под илузијата дека сме некакви фаворити во оваа нова рака на карти – рече Туск.
Тој додаде дека Полска е во подобра ситуација од некои други сојузници, но нема простор за измама бидејќи „за новата американска администрација Европа не е центарот на светот, а Украина не е главниот проблем“, рече премиерот.
Туск, чија земја претседава со Европската унија до крајот на јуни, апелираше до полските политичари без исклучок да пристапат кон односите со САД без илузии и со силен акцент на полските интереси.
– ЕУ и САД се Запад во политичка и цивилизациска смисла. Тоа се човековите права, слободата, почитувањето на другите народи, почитувањето на суверенитетот и границите. Тоа мора да го одбраниме – изјави Туск.