Сè уште активен и надвор од контрола пожарот кај Чучер Сандево, со интервенција од воздух ќе се продолжи во утринските часови
Пожарот кој е активен на територија на Чучер Сандево и покрај интервенциите од воздух, за жал сè уште е надвор од контрола, информираат од ЦУК.
Во текот на денешниот ден, на терен, како што појаснуваат надлежните, интервенирале сите расположливи сили и средства — општински служби, физички и правни лица, како и екипи од БППЗ, ДЗС, МВР и ЦУК.
„Сите капацитети се ангажирани, но условите на теренот се исклучително тешки.
Голема е вознемиреноста кај населението, бидејќи чадот се проширува низ целата општина и селата Чучер, Мирковци, Глуво, Бразда, сè до Бутел. Истовремено, регистриран е и нов пожар во атарот на село Кучевиште, кој зафаќа голема површина и се наоѓа во близина на куќи“, според објавеното на социјалните мрежи.
Во раните утрински часови, како што појаснуваат, беше пружена воздухопловна поддршка со три летала, а попладнето со уште еден воздухоплов.
Поради временските услови, се очекува пожарот во текот на ноќта делумно да се стиши, што би овозможило поефикасно дејствување на теренот утре.
За утре е планирано акциите да започнат уште во 5:00 часот, со ангажирање на сите институционални и општински сили на целата зафатена површина, со поддршка од два воздухоплова на МВР. Во вечерните часови, екипите ќе останат на терен и ќе интервенираат согласно приоритетите и потребите, соопштија надлежните.