Четири дена се трага по исчезнатата Лидија Трајковска од скопско Јурумлери.
Семејството уверува дека таа немала никакви проблеми. Потрагата по неа започна во петокот а во неа се користат и беспилотни летала.
Според информациите од МВР, Трајковска последен пат била видена во близина на раскрсницата во нејзиното село Јурумлери, од каде се упатила кон Драчево. Полицијата ги прегледува сите познати локации на нејзиното последно движење, а во потрагата активно учествуваат и нејзини роднини.
Пред 2 дена од МВР известија дека во близина на реката Вардар во Долно Лисиче биле пронајдени предмети кои биле препознаени од нејзиниот сопруг за кои и потврдил дека се нејзини.
Лидија последен пат е забележана на камери во 05:00 часот во петокот на автобуска постојка во с. Јурумлери.
Употреба на дронови и пребарување на поширок терен
За да се опфати пошироката област околу реката Вардар, МВР ангажира дрон за воздушно пребарување, со што се покрива подрачје во должина од пет километри, од село Јурумлери до село Огњанци. Дополнително, полицијата пребарува и напуштени објекти во околината, а сите сили се насочени кон најбрзо лоцирање на исчезнатата жена.
Апел од МВР за соработка со граѓаните
Министерството за внатрешни работи упати апел до јавноста за соработка и повика секој што има каква било информација за исчезнатата Лидија Трајковска да се јави во полиција. Потрагата продолжува со засилен интензитет и мобилизирање на сите ресурси, со цел да се пронајде исчезнатата што е можно побрзо.