Средба Мицкоски – Сијарто: Македонија е подолго време надвор од ЕУ, поради неразумни билатерални пречки

Македонија подолго време е надвор од ЕУ, меѓу другото и поради неразумни билатерални пречки, што сериозно го нарушува кредибилитетот на самиот процес на интеграција и со право го зголемува чувството за двојни стандарди кога тоа има врска со европските стратешки интегративни процеси, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната средба со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.

Според Мицкоски, нашата земја со сите свои недостатоци во реформите и политиките, во споредба со другите земји кои се веќе членки на Европската Унија, заслужува напредок кон остварување на оваа неоспорна стратешка цел за членство во Европската Унија.

На средбата, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, се разговарало и за предизвиците со кои се соочуваат нашите граѓани, како што се економската криза, растечката сиромаштија, скапите цени и инфлацијата, како и недостигот од инвестиции и реформи.

Двајцата соговорници ги потврдија исклучително добрите односи кои ВМРО-ДПМНЕ ги има со унгарската Влада, а Мицкоски се заблагодари на поддршката што нашата земја ја има од пријателска Унгарија.

На средбата учествуваа и потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски.