Талат Џафери – Анџела Агелер: “Претстојните избори се клучни за иднината на земјата и ќе претставуваат потврда за правецот на нејзиното натамошно движење“

Обезбедување континуитет и ефикасност во работата на Владата и државните институции, и вложување на севкупни напори за подготовка и реализација на фер и демократски избори, било во фокусот на средбата меѓу премиерот на техничката Влада Талат Џафери со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, што се одржала во Владата.

Како што соопшти владината прес-служба, Талат Џафери ја истакнал посветеноста на Владата кон стратешкото партнерство на Северна Македонија со САД и нагласил дека и на новата функција ќе продолжи да биде силен промотор на таа соработка.

Талат Џафери нагласил дека претседателските и парламентарните избори се клучни за иднината на земјата и ќе претставуваат потврда за правецот на нејзиното натамошно движење. Во таа насока, двајцата соговорници се согласиле дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи и позитивна трансформација на демократските капацитети во државата, засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијата.

Во владиното соопштение стои дека Анџела Агелер му го честитала изборот на премиерот Талат Џафери, истакнувајќи ја важноста од неговата улога во демократскиот развој на земјата како прв претседател на Собранието, Албанец и прв претседател на Владата на Северна Македонија, Албанец во историјата на земјата.

Анџела Агелер, како што се наведува, потенцирала дека изборот на премиерот Талат Џафери испраќа силна порака дека, како и во САД, така и во Северна Македонија, диверзитетот и почитувањето на неговото богато културно наследство ја прават земјата уште посилна. Амбасадорката ја истакнала силната поддршка на САД на патот на Северна Македонија кон Европската Унија и изразила подготвеност за натамошна блиска соработка со Владата на тој пат.

Талат Џафери ја нагласил определбата на Владата за активно продолжување на процесите и реформите врзани за евроинтеграцијата на Северна Македонија, со цел отворање нови можности за поголем економски просперитет и демократски развој.

Меѓудругото, премиерот ја известил амбасадорката и за предлог Законот за рестриктивни мерки за кој се прават дополнителни и сеопфатни консултации, по што е предвидено повторно разгледување на истиот на следната владина седница.

Премиерот Талат Џафери изразил благодарност за континуираната поддршка од САД за стабилноста и просперитетот на Северна Македонија и истакнал дека нашиот придонес во колективната безбедност како земја-членка на НАТО, ќе продолжи, стои во владиното соопштение.