Талат Џафери не може да биде и пратеник и премиер, Левица бара Собранието да го оконча овој судир на интереси
Пратеничката група на Левица денеска до претседателот на Собранието поднела официјално писмено Барање за констатирање престанок на мандатот на пратеникот Талат Џафери од ДУИ – по основ на неспојливост на функцијата пратеник и премиер.
-Новиот собраниски спикер е должен, кога ќе настапат законските услови за престанок на мандатот на пратеник, тоа да го констатира на првата наредна собраниска седница. Ова е изрична законска одредба од Уставот на РМ, како и од низа други посебни закони: Законот за Собранието на РМ, Законот за пратениците, Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се наведува во соопштението од Левица.
Истовремено, правниот тим на Левица, како што се посочува во соопштението, ќе поднесе и претставка до Антикорупциската комисија со цел изницирање прекршочна постапка и изрекување парична глоба против Џафери.
-Напоменуваме дека доколку собранискиот претседател, Африм Гаши, не го стави како точка на дневен ред на наредната седница, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за „Несовесно работење во службата“, а размислуваме и за можна интерпелација заради свесно неспроведување на императивни законски одредби, велат од Левица.