Талевски: ДПМНЕ се согласни дека Собранието има легитимитет за уставни измени

Како пратеници го поздравуваме фактот што Христијан Мицкоски го промени ставот и повеќе не е против уставни измени.

За поздравување е и промената на ставот околу легитимноста на овој собраниски состав.

Сега сите партии, вклучително и ДПМНЕ се согласни дека овој парламентарен состав има полн легитимитет и мандат да ги спроведе уставните измени за продолжување на европскиот пат.

Добро е што на лидерската средба се направи исчекор и се дојде до одредена точка, сега е потребно дијалогот како да ги изведеме уставните измени да продолжи што поскоро.

Го охрабруваме Мицкоски да остане на променетите ставови и да формира тимови што побрзо. Доколку постои искрена волја нема потреба да се чека ниту да се тактизира. Ајде заедно да продолжиме да работиме на уставните измени, за остварување државните и националните интереси.

Членството во ЕУ е стратешка определба поставена од денот на независноста и одговорност на секој политички чинители да ја реализираат таа цел.

Само со дијалог државата, македонското општество можат да одат напред.

Државата, граѓаните немаат време за губење, затоа што побрзо се донесат уставните измени, толку пократок ќе биде рокот на преговори и толку побрзо Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.

Сега не е време за партиски и лични рејтинзи, не е време за дневна политика, сега е потребна одговорност и сериозност од сите субјекти за реализација на важна, стратешка цел.

Сите заедно да ја преземеме одговорноста, а во иднина и заслугата за тоа што ќе ја обезбедиме европската иднина на државата, на сегашните и идните генерации граѓани.