Таравари: Има информации дека во операционите сали е пронајдена мала концентрација на формалдехид

Во операционите сали е пронајдена мала концентрација на формалдехид, но се уште нема официјални информации. Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека штом има официјална информација ќе биде објавена во јавноста.

Министерот за здравство Арбен Таравари соопштува дека има информации дека во операционите сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје е пронајдена мала концентрација на формалдехид, но се уште нема официјални информации за истото.

Таравари најави дека се работи на набавка и монтажа на нова компресорска станица со која, според него, наскоро ќе се реши овој проблем.

„Што и да ви кажам ќе биде неформално, неточно, неизвесно. Чекајте, ние сме транспарентни, се што добиваме споделуваме со јавноста и новинарите. Во моментов функционираат повеќето операциони сали во Клиничкиот центар и се надевам дека вака ќе продолжиме“, рече Таравари.

Во моментов Таравари вели дека повеќе од половина од операционите сали во Клиничкиот центар се во функција и дека во текот на летово ќе се управува со состојбата со операционите сали во Градската болница „Свети Наум Охридски“ и „8 Септември“. . Инаку, централниот систем за кислород и компримиран воздух во хируршките сали во Клиничкиот центар не е во функција од 18 мај поради непријатниот мирис. Во меѓувреме, на 1 јуни Министерството за здравство распиша тендер за набавка на нова компресорска станица, но тој пропадна бидејќи на адресата на Министерството не пристигнала никаква понуда.