Претставниците на коалицијата „ВЛЕН“ почнаа да ги потврдуваат написите во медиумите за поделба на ресурсите во идната Влада. Според неофицијални информации, коалицијата „ВЛЕН“ ќе води шест министерства – за економија, животна средина, здравство, за политички систем, работа и социјална политика, а ќе има и министер без ресор. Дел од преговорите е и Секретаријатот за европски прашања. Арбен Таравари од „ВЛЕН“ во изјава за Алсат вели дека најголем дел од написите се точни, но остава на следниот претставник официјално да го соопшти составот на идната Влада. Тој најавува дека наскоро ќе одлучи дали ќе го води Министерството за здравство.
„Сè уште немам дефинитивна одлука, постоеше и точно е дека имало понуда да бидам министер за здравство, но се уште разговарам со партиските структури, но и со луѓето што ги имам во општина, со кои сме во интеракција, но и со значајни луѓе кои секогаш ни помагале во општинските изборни процеси во Гостивар. Значи немам дефинитивна одлука, добро ќе размислам и верувам дека за два-три дена ќе ја донесам конечната одлука, каде што планирам да продолжам“, изјави Арбен Таравари – Коалиција „ВАЛЕН“.
Неофицијално дел од договорот е и функцијата претседател на Собранието, функција која најверојатно ќе му припадне на Африм Гаши. „ВЛЕН“ ќе има и пет заменици министри и тоа во Министерството за земјоделство, култура, образование, одбрана, транспорт и врски, како и во Министерството за внатрешни работи. Коалицијата ќе предложи и пет државни секретари.
„Не сакам да кажам без да бидам јавно објавен од претставникот, мислам дека не е фер. Верувам дека сте го виделе во многу медиуми, одредени министерства, циркулирале одредени позиции, зборувам за првиот и вториот ешалон и можам со целосна одговорност да кажам дека повеќето од тие информации се веројатно информации брифирани од вас може да се однесува и на вмро-дпмне. Со други зборови, можам да кажам дека 90 отсто од позициите се напишани“, додаде Арбен Таравари – Коалиција „Влен“.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ ги продолжи преговорите за состав на идната Влада со партијата на Максим Димитриевски. Доцна синоќа Движењето „ЗНАМ“ соопшти дека претставниците на двете партии одржале средба на која се разговарало за стратешките цели, политичките принципи и политичките платформи за соработка. ВМРО-ДПМНЕ денеска не сподели детали за можната поделба на ресурсите и барањата на „ЗНАМ“.
„Сè уште нема конечен договор. Она што можам да го откријам е дека разговорите се одвиваат во позитивен дух“, изјави Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Влен“ и Движењето „ЗНАМ“ се очекува да постигнат конечен договор до вторник, за кога е закажана конститутивната седница на Собранието. Новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни.