Таравари: Утрово станав со 50 пораки дали давам оставка, јас сум фокусиран на работата во Министерството за здравство

Министерот за здравство Арбен Таравари ги демантира гласините дека ќе си даде оставка на втори април кои викендов се раширија на социјалните мрежи. Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека останува на функцијата.

„Утрово станав со 50 пораки дали давам оставка, јас сум фокусиран на работата во Министерството за здравство. Односите со партнерите во коалицијата се добри, стабилни и јас продолжувам и на први и на втори и на трети и на петти април да ја вршам функцијата министер за здравство. Повеќе сум фокусиран на работите што се важни за пациентите, пред се и над се за мене како министер за здравство важна е добросостојбата на овие пациенти од Кочани меѓутоа генерално и на сите пациенти во државата“, рече министерот Таравари.

Тој утрово извести дека во болниците во Скопје се лекуваат вкупно 54 пациенти повредени во пожарот во Кочани од кои денес 16 си заминуваат дома, а во текот на неделава се очекува од странство да се вратат осуммина пациенти.