Министерот за здравство Арбен Таравари го исполни ветувањето што го даде вчера. Тој денеска ги потпиша решенијата за разрешување на повеќе економски директори на скопските клиники, меѓу кои и Бесија Иљазин, в.д економски директор на Клиниката за токсикологија.
По завршувањето на управните процедури во правната служба, освен Иљаз, разрешени се и економските директори на Клиниките за дерматологија, физикална медицина, стоматологија, психијатриска клиника, ендокринологија, неврологија и максилофацијална хирургија.
Вчера Таравари рече дека ќе започне со разрешување на економските директори на кои им истече мандатот, а постапката ќе продолжи и за други кои ја вршат оваа функција, но откако ќе се направат потребните законски измени.
Таравари рече дека очекува по два месеци да нема повеќе економски директори.