Таравари: Ќе бидат ангажирани 600 специјалисти, 300 годинава и 300 догодина

До крајот на годинава 1.100 здравствени работници кои се под договор на дело ќе носат работни решенија, рече министерот за здравство Арбен Таравари на денешната собраниска седница одговарајќи на прашањата на пратеничката од Европскиот фронт, Дијана Тоска. Таа праша зошто се разрешуваат економски директори, не се вработуваат медицински сестри, иако има потреба во здравствените установи.

Таравари вели дека проблемите се наследени и дека ДУИ за 22 години власт не успеала да ја изгради канализационата мрежа во Зајаз и очекува за шест месеци да изгради клинички центар.

Тој додаде дека е надминат проблемот со позитивната листа на лекови.

,,Ќе бидат ангажирани 600 специјалисти, годинава 300, следната година 300“, рече Таравари.

За економските директори, министерот рече дека пратеничката не реагирала во 2017 година кога била дел од Владата и тогаш ја разрешиле.

Таравари ја повика Тоска да ги праша лекарите на ДУИ што се правело во тетовската болница и во Гостивар.