Тарифите на Трамп прават огромна политичка штета на Виктор Орбан и другите десничарски лидери во ЕУ

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини за стоки увезени во Америка од земји ширум светот има негативно политичко влијание врз неговите најблиски соработници во Европа, а фокусот е на Виктор Орбан, премиерот на Унгарија.

Како што пишува Ројтерс, Орбан победи на претходните избори во Унгарија фокусирајќи се на силната економија, која сега е на пат кон сериозен пад токму поради царините на Трамп.

Згора на тоа, бидејќи Европската унија е заеднички пазар, Орбан не може да се надева на поединечни исклучоци од царините на Трамп, имајќи предвид дека Унгарија е дел од заедничкиот економски блок.

Како што економијата на Унгарија продолжува да слабее, така и поддршката за најголемата опозициска партија во земјата, Тиса, предводена од Петер Маѓар.

Посебен проблем за Орбан е фактот што следната година ќе се одржат избори, а може да дојде до промена на власта по 15 години владеење на Фидес, особено поради лошата економска состојба.

Сепак, и надвор од Унгарија, екстремната десница има проблем со Трамп. Оние кои јавно го поддржаа, како што се шпанскиот Vox, германската AfD и британската Reform UK, сега треба да изберат дали да ја продолжат својата поддршка или да се свртат кон своите гласачи, кои негативно ќе бидат погодени од царините на Трамп.

Во најтешка ситуација е шпанскиот Vox, кој доживеа раст заедно со останатите екстремни десничари во Европа. Сепак, нивните гласачи се главно фармери во Шпанија, кои би можеле да имаат посебни проблеми поради царините на Трамп.

Досега единствениот десничарски лидер кој го критикуваше Трамп беше Најџел Фараж од британската Реформа ОК, но тој исто така рече дека „разбира оти Трамп ги брани американските интереси“.

Како што пишува Ројтерс, екстремните десничари ширум Европа имаат избор помеѓу поддршката на Трамп, кој очекува продолжување на добрите односи и лично преземање на критиките, или да застанат зад интересите на своите гласачи, кои би можеле да бидат најмногу погодени од американските санкции.