Тасевски: 30 години членство во Интерпол, заеднички придонес кон јавната безбедност, светскиот мир

 Ниту една држава не може изолирано да се бори против организираниот криминал. Оттаму важноста на заедничката работа на членките на Интерпол. Средбите како оваа во Охрид придонесуваат за зголемување на знаењата и искуството во меѓународното полициско работење, во тактиките и стратегиите во справување со безбедносните предизвици, за улогата на глобалното полицисување, како и за архитектурата на размена на податоци и информации, како најефективен начин за зајакнување на регионалната безбедност. Тоа го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, на затворањето на 50. Европска регионална конференција на Интерпол што изминатите три дена се одржа во Охрид.

Организираните криминални групи и нивниот модус операнди брзо се развиваат како резултат на структурните промени на национално и меѓународно ниво. Според него, ефектите од организираниот криминал ги чувствуваат сите, тие го еродираат владеењето на правото, се инфилтрираат во политичките процеси, поттикнуваат корупција и насилство, ги експлоатираат ранливите, ги подриваат легитимните пазари и претставуваат се поголема закана по животната средина.

Истакнувајќи го фактот дека секој одговор на организираниот криминал мора да биде подеднакво сеопфатен, Тасевски категоричен дека Интерпол беше револуционерна во препознавањето на транснационалната природа на организираниот криминал и неопходноста од непрекината и сигурна размена на информации во реално време.

„Лично верувам во придобивките од создавањето синергија и меѓусебното вмрежување. Таа синергија и вмрежување се одамна создадени. Ние само ги надградуваме  и развиваме”, истакна директорот тој.

Директорот на Бирото за јавна безбедност изрази задоволство што во година на големи јубилеи за Интерпол, Република Северна Македонија одбележува уште еден јубилеј – 30 години од членството во најголемата меѓународна криминалистичка организација.

„Тоа се години во кои заеднички сме придонесувале кон јавната безбедност, светскиот мир и стабилност. Тоа се години на заедничко работење, посветеност и приврзаност за што упатувам благодарност и до Интерпол и до сите нас кои сме дел од оваа приказна”, рече директорот Тасевски на крајот од своето обраќање.