Во британското кралско семејство, се чини, постои зрак надеж за помирување.
Како што пишува „Дејли меил“, минатата недела во Лондон се одржа таен мировен состанок меѓу најблиските соработници на кралот Чарлс и принцот Хари.
Иако сè уште не е познато кој го направил првиот чекор кон зближување, извор близок до семејството открива дека ова е најсилниот сигнал досега дека двете страни сакаат да ја закопаат секирата.
„Тие сè уште имаат долг пат пред себе, но за прв пат по неколку години, комуникацијата е повторно отворена“, изјавил изворот за странските медиуми.
Средбата се одржа во приватен лондонски клуб, „Кралската прекуморска лига“, недалеку од Кларенс Хаус. Принцот Хари беше претставуван од Мередит Мејнс, неговата главна советничка од Калифорнија, додека Тобин Андреј, неговиот секретар за комуникации, присуствуваше во име на кралот Чарлс. Ним им се придружи и Лиам Магир, претставник за односи со јавноста на војводата и војвотката од Сасекс во Обединетото Кралство.
Според достапните информации, средбата се одржала неформално, без дневен ред, со пијалоци и во атмосфера која, иако претпазлива, носи јасна порака: време е да се надминат разликите и да се најде пат напред – и за семејството и за монархијата.
Интересно е што Мередит Мејнс, која го застапуваше Хари, беше и лицето кое го организираше неговото интервју за Би-Би-Си во мај оваа година – интервју кое, според некои толкувања, дополнително ги продлабочи постојните тензии.
Сепак, и покрај ова, кралот Чарлс, според изворите, не губи надеж. Неговата желба не е само да ја обнови врската со својот син, туку и да изгради близок контакт со своите внуци – Арчи (6) и Лилибет (4).
Останува да се види дали оваа средба ќе го означи почетокот на нова фаза во сложените семејни односи на кралското семејство – но едно е сигурно: комуникацијата е обновена, а тоа е повеќе отколку што можеше да се каже во претходните години.