Твитер го обвини Мајкрософт дека ги злоупотребува податоците

– Платформата на социјални мрежи Твитер ја обвини компанијата Мајкрософт дека без дозвола ги употребува податоците на Твитер.

Алекс Спиро, адвокатот на Илон Маск, сопственикот на Твитер, до надлежните на Мајкрософт испрати писмо во кое се нагласени прекршувањата што ги извршил Мајкрософт преку извлекување информации од базата на податоци на Твитер.

Според Спиро, во писмото испратени до главниот извршен директор (CEO) на Мајкрософт, Сатја Надела, и до Управниот одбор на компанијата, се нагласува дека во договорот постигнат меѓу Мајкрософт и Твитер стои дека е забрането користење повеќе податоци од потребното или забранета е злоупотребата.

Тој тврди дека покрај овие ограничувања, Мајкрософт само во 2022 година без дозвола користел над 26 милијарди твитер-објави.

Спиро изјави дека иако Мајкрософт мора да го информира Твитер за целта на користењето на податоците, тоа не го направил во 6 од 8-те апликациски програмски интерфејси (API) кои добиваат информации од базата на податоци.

Истакнувајќи дека од април Мајкрософт има најмалку 5 производи кои користат API на Твитер, Спиро рече: „Мајкрософт одби да плати за континуиран пристап до API и содржината на Твитер.“

Портпаролот на Мајкрософт, Френк Шо, рече дека Мајкрософт ќе ги разгледа прашањата вклучени во писмото и потоа ќе одговори како што е соодветно.

Маск претходно во објава на Твитер ги обвини Мајкрософт и неговиот партнер ОпенАИ (OpenAI) дека нелегално користат податоци на Твитер за развој на системи за вештачка интелигенција како што е „Чет-џи-пи-ти“ (ChatGPT), и напиша „време е за судски спор“.