– Домот на култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци за утре најави театарско – танцова претстава, а вo среда изложба на слики од уметникот Владимир Темков.
– Театарот при Домот на културата, во соработка со балетското студио „Венус“ и балетскиот оддел при ОМБУ „Лазо Мицев Рале“, премиерно ќе ја одиграат театарско – танцовата претстава „Синг“, појасни Марјан Тодоровски од културниот дом.
Во среда, во галеријата при Домот на културата ќе биде отворен првиот дел од ретроспективната изложба на Темков. Изложбата е по повод 64 години живот и 45 години ликовно творештво, и е насловена како „Робусен ликовен лиризам“.
Вториот дел од изложбата ќе биде отворен во Музеј галерија Кавадарци, каде освен ликовниот, ќе се одржи и придружен музички дел со рок групата „Бадасал“. Ретроспективни изложби на Владимир Темков оваа година ќе се одржат и во Њујорк на 25 април, Скопје на 30 мај, Истанбул на 17 јуни, Белград на 8 август и Солун на 24 септември.