Кон крајот на 1950-тите, американската разузнавачка служба (ЦИА) планирала да го искористи поранешниот британски премиер Винстон Черчил во пропагандна кампања насочена против Советскиот Сојуз, открива „Телеграф“ врз основа на новообјавени документи.
Радио Либерти, тајно финансирана станица од ЦИА што емитуваше програма во Источна Европа и СССР, сакаше Черчил да учествува во специјална серија по повод 75-годишнината од смртта на Карл Маркс.
Целта беше да се „поткопа довербата во која било форма на марксизам“.
Програмата требаше да ги искористи ревизионистичките мислители во Советскиот Сојуз кои се спротивставуваа на строгата московска ортодоксија, промовирајќи западни интелектуалци и политичари за да ги натераат советските граѓани да ги доведат во прашање комунистичките идеи.
Покрај Черчил, меѓу планираните учесници беа британските политичари Клемент Атли, Анеурин Беван, Хју Гејтскел, како и интелектуалците Артур Кестлер и Арнолд Тојнби, додека странските предлози ги вклучуваа Сидни Хук, Јуџин Лионс, Винсент Ориол и Бруно Петерман.
Иако Черчил бил на списокот, нема докази дека ја прифатил поканата, а во времето на планираните емитувања одбил да патува во Вашингтон од здравствени причини.
„Обидот на ЦИА да го регрутира Черчил е типичен пример за стратегијата на САД за време на Студената војна – пропагандна операција дизајнирана да го поткопа советскиот авторитет и да поттикне преиспитување на марксизмот меѓу советските граѓани“, рече професорот Рори Кормак од Универзитетот во Нотингем.
Радио Слободна Европа/Радио Либерти и ЦИА одбија да коментираат за документите.